Фондот за иновации и технолошки развој ги поддржува младите претприемачи да започнат свој бизнис.

Како минатата година, така и оваа, Фондот за Иновации и Технолошки Развој го поддржа 8то издание на глобалниот настан Techstars Startup Weekend. Фондот за иновации и технолошки развој се секогаш отворени за соработка, со цел да ги поддржат младите кога станува збор за креирање на нови, иновативни решенија кои ќе направат позитивна промена во нашето секојдневие!

Денеска сме на ФИТР разговор, со двајца членови од управниот одбор на оваа организација, Моника Јованова и Пиштар Лутфиу, тие ќе ни раскажат нешто повеќе за сите програми и идни планови на Фондот за иновации и технолошки развој!

solveo swsskopje
Интервју со Моника и Пиштар

Здраво Моника, како што е редот, дамите секогаш имаат предност, па сакаме да Ве прашаме која е Вашата улога во Фондот за иновации и технолошки развој?
Здраво, најпрво да се заблагодарам за поканата за интервју- мило ми е што денес ќе имаме прилика да поразговараме и се надевам ќе дадам одговор на сите Ваши прашања.

 Мојата улога е претседател на Управниот одбор на ФИТР- накратко ќе појаснам за Вашите читатели да имаат појасна слика за тоа. ФИТР е институција која во својата структура има 3 органи на управување ( Управен одбор, Комитет за одобрување на инвестивции и директор ). Членовите на УО,  КОИ и дирекорот ги именува и разрешува Владата на Република Северна Македонија. Своите права и обврски Управниот одбор ги врши врз основа и во рамките на законот, Статутот и општите акти на Фондот. Јас како претседател на УО кој е составен од 7 члена,  ги свикувам и раководам со седниците на УО на кои се работи според дневен ред кој едногласно се усвојува од членовите на УО и на истите се носат одлуки кои се во интерес на работата на ФИТР.

 Како претседател на управниот одбор на Фондот за иновации и технолошки развој кои се најголемите предизвици со кои се соочувате?
Има предизвици…Да! Ја сум човек кој сака предизвици и може ќе делувам нескромно, ама сметам дека добро се носам со нив J Чест и задоволство е да се извршува оваа функција, но истовремено е и обврска која бара време, посветеност и работа. Како што веќе спомнав, УО своите права и обврски ги врши врз основа и во рамките на законот, Статутот и општите акти на Фондот. Во низата на обврски и права кои ми припаѓаат несомнено има многу предизвици кои се секојдневни, за некои имате време и простор, а за некои едноставно мора да реагирате сега и веднаш и потоа да ја носите одговорноста од таквата одлука. Во секој случај, за мене најголем предизвик отсекогаш бил и ќе остане меѓучовечкиот однос бидејќи истиот е фактор кој има големо влијание, на негова надградба се работи секојдневно, тој е жива и менлива категорија – ако можам така да се изразам – и бара труд , трпение и мудрост… Ако не сте подготовени да се прилагодите и да соработувате со луѓе кои имаат различни мислења од вас, тогаш вие не сте подготвени за ништо во животот. Мојата улога во ФИТР честопати е пропратена со неопходност истовремено да го почитувам демократското право на глас, дискусија, сопствено размислување на секој од членовте на УО од една страна и од друга страна да внимавам на правецот во кој се движиме со самото носење на одлуките бидејќи истите имаат директно влијание врз работата на самиот Фонд и нормално за тоа постои одговорност. Сметам дека во секоја една работа, балансот и меѓусебните човечки односи се суштински основи за функционалност, создавање на кохезија за индивидуален и колективен развој и напредок, а следствено на тоа резултатите не можат да изостанат. Заеднички транспарентно поставените правила на фер игра за соработка и меѓусебната почит  се она што вработените во ФИТР, директорот и нас како УО нѐ прави компактен тим. Јас сум тимски играч, почитувам различни мислења од моите и секогаш е предизвик кога треба да се донесат одлуки, а едногласни, цврсти и вистински одлуки може да носите само доколку ги почитувате другите околу вас. 

solveo startup weekend skopje
Интервју со Моника и Пиштар

Знаеме дека Фондот за иновации и технолошки развој нуди поддршка во многу различни бранши кога станува збор за претприемништво, иновации и стартапи. Какви сѐ барања за поддршка доаѓаат кај вас и кои проекти би ги издвоиле како ваши најмили?
Така е, ФИТР нуди поддршка во многу области за мали, микро и средни претпријатија, чија цел е поттикнување на економски раст и развој, подобрување на бизнис –климата, отворање нови работни места, раст на конкурентноста на пазарот… До фондот како институција, покрај апликациите за отворените повици кои реално ги надминаа и нашите очекувања, пристигнуваат и барања за друг вид на соработка. Кога велам соработка не мислам само на финансиска поддршка од наша страна, туку и на институционална поддршка, од аспект на зајакнување на постоечки и нови капацитети, размена на искуства, истражување… Навистина имаме една широка лепеза на активности кои јас не би ги издвоила само како проекти бидејќи секоја една активност има свое значење. Мене лично најдрага ми е соработката со деца и млади каде што би ги спомнала иницијативата ,,Петок за млади@ФИТР’’, која се реализира втора година по ред и е дел од активностите на Фондот насочени кон поттикнување на критичкото и креативното размислување, и развој на иновативноста и претприемништвото кај младите. ФИТР неодамна ја презентираше и предлог програмата „Фонд за млади умови“ која треба да ги опфати сите постоечки образовни иницијативи и да креира системско решение со кое државата во иднина ќе вложува во развивање и поддршка на таленти кај младите. Секогаш е задоволство кога ги поддржуваме основците и средношколците од разни училишта од државата, каде што верувајте ми има огромен потенцијал за кој се надеваме во иднина ќе се искористи и на дело. Пресреќни сме кога деца на кои сме им биле поддршка за некој натпревар или промоција ќе ја оправдаат таа поддршка со разни медали, признанија, награди. Во рамки на „Предизвик за млади истражувачи“ би ги спомнала проектите изработени од ученици за чиста вода, почва и воздух кои се многубројни… Имаме многу успешни приказни од реализираните повици на ФИТР, меѓутоа ако треба да издвојам еден мене лично ме импресионира проектот ,,Следење на очи, кодирање на лице и неуромаркетинг“. Верувам дека сите проекти кои се реализираат во рамките  на ФИТР ќе придонесат за подобро општество за сите.

Која е визијата на ФИТР и што сака ФИТР да постигне во наредните 5 години и дали има планови за проширување на дејностите?
Фондот работи врз основа на годишна програма и со задоволство можам да истакнам дека сме задоволни од сработеното оваа година, а веќе сме подготвени и за новите предизвици и цели кои се на прагот од новата година.

Визијата на Фондот за иновации и технолошки развој е да биде централна институција за поддршка на одржлив економски развој преку поттикнување на иновации и технолошки развој.  За постигнување на ваквата визија планирани и предвидени се низа активности – помали и поголеми, кои се во насока на постигнување што поголем и побрз развој на институцијата, а со самото тоа и кон остварување потемелен придонес кон економијата воопшто. Ние постојано нудиме новини, иновацијата е наше второ име – така што следете сѐ што се случува и ќе бидете пријатно изненадени.

solveo
Во просториите на ФИТР

Какви можности нуди ФИТР за младите претприемачи кои имаат идеја и силна визија за започнување на сопствен бизнис?
ФИТР е секогаш отворен и на располагање кога станува збор за млади претприемачи. Оваа институција е тука за да ги поддржи и охрабри младите луѓе но и претприемачите воопшто да стартуваат со реализација на својата идеја. Секој почеток е тежок но затоа ние сме овде да им пружиме финансиска поддршка, како и  индивидуална поддршка за надградба на нивните капацитети, преку менторска поддршка од експерти, обука за подготовка на бизнис модели и комуникациски стратегии…Една од потврдите за тоа е заедничката соработка на ФИТР, Министерство за труд и социјална политика, Програмата за развој на Обединетите Нации (УНДП) и Агенцијата за вработување чија цел е стартапите да станат одржливи преку Оперативниот план. Државата преку своите институции континуирано вложува и дава поддршка за младите во државата. ФИТР досега имаше еден повик кој предизвика значителчен интерес, а еве додека го правиме ова интервју актуелна е и најавата за вториот повик за кофинансирање на старт – ап и спин-оф  компании каде што фокусот се младите и каде ќе се доделат 1,5 милиони евра за развивање на нови бизниси.

Од другата страна, разговараме и со Пиштар Лутфиу кој е поранешен министер за образование образование и наука. Здраво Пиштар!  Најпрво би сакале да се претставите, кажете ни нешто за себе и која е Вашата улога во Фондот за иновации и технолошки развој?

Благодарам за можноста за ова интервју. Моментално сум член на Управен одбор во Фондот за иновации и технолошки развој инаку имам искуство во невладиниот сектор, бев вклучен уште од средно школо во волонтерски активности, се стекнав со работно кога водев и невладина организација чија цел секогаш било организирање конференции, семинари за младите… Потоа работев и како министер за образование и наука.

Одборот е управен орган на Фондот и своите права и обврски ги врши врз основа и во рамките на законот, Статутот и општите акти на Фондот.

Освен донесување на акти, одлуки, заклучоци и такта натаму, Одборот исто така се грижи за реализацијата на програмите на Фондот.  А во програмите на Фондот аплицираат фирми и компании кои во суштина планират проекти кои се иновативни за опшеството, и нормало се поврзани со современа технологија.

 Какво влијание можат да имаат иновациите во полето на образованието и науката? Што може да се подобри и каде има највеќе потреба за промена во нашиот образовен систем?
Сакаме или не сакаме, ние живееме со технологијата, која секој ден ни нуди иновативност во нашиот живот, и нормално за да ни го олесни пристапот кон информациите и комуникација, но и многу повеќе од тоа. Нашиот образовнен систем преку разни проекти се обидува да го следи овој тренд. Фондот за иновации како главен партнер го има Министерството за образование и наука, и со добра стратегија преку конкретни мерки и активности се обидуваат да ја поттикнуваат иновативноста и креативноста кај младите.  Во изминатите 18 месеци има над 1.000 домашни микро, мали, средни и големи компании што учествувале на повиците на Фондот. Дополнително, околу 200 основни и средни училишта исто така учествувале на тематските повици во рамките на нашите програми.

Има голем интерес за вакви проекти, но главно поради сериозниот капацитет кај компаниите, но и кај најмладите е, да размислуваат и да креираат новитети или подобрување на она што веќе го имаат. И тука фондот има можеби и централна улога во поттикнување и ослободување на овој потенцијал и во охрабрување на овие луѓе.

Нашата цел е, да ги мотивираме младите, да можат реално да заработуваат во иднина, особено преку поддршката што ја нуди Фонд за иновации и технолошки развој.

Сакаме младите да размислуваат покреативно, па затоа ФИТР сега, а и во иднина сѐ повеќе ќе финансира проекти на млади луѓе. Вакви иницијативи за поврзување на проекти поврзани на слични теми од ученици и компании кои ги поддржуваме е да научат нешто повеќе и како да ги развиват и унапред своите проекти понатаму.

solveo startupweeekend skopje fitr
Интервју со Моника и Пиштар

Фондот за иновации и технолошки развој, во соработка со Министерството за образование и наука, го спроведува Проектот за развој на вештини и иновации, кажете ни нешто повеќе за овој проект. Која е целта на проектот и кој може да биде соработник?
Преговорите со претставниците на Светка Банка за потпишување на заемот за финансиски средства се спроведува преку Проектот за развој на вештини и иновации, кој се потпиша во 2013 година. Целта на овој проект е да се унапреди транспарентноста во процесот на распределба на средства и да се промовира отчетноста во високото образование, да се засили влијанието на стручното образование, и да се поддржи иновацискиот потенцијал во нашата држава. Видливоста на Фондот сега делумно се должи и на успешната имплементација на овој проект, а главен партнер на Фондот во овие рамки е Министерството за образование и наука.

 За крај, какви прокети и повици се планираат и кои се вашите очекувања за престојната 2020 година кога станува збор за иновации и технолошки развој ?
Во претстојаната година очекуваме уште поголем број домашни компании да аплицираат на повиците на Фондот. Секако, поради големиот број партнерски организации, над 30, како и нашата заложба да воведуваме иновации во јавниот сектор, нема да застанаме со формализирањето на поддршката на младите, како и со предизвиците кои ги организираме и спроведуваме во соработката со другите јавни институции, како УНДП, УНИЦЕФ, УСАИД, кои се во насока на креирање можности за младите ученици, но и идни претприемачи да ги развијат сопствените способности и да ги реализираат своите комерцијални идеи дома. Фондот ќе ги спроведува повиците зацртани во нашата среднорочна програма, а ќе продлжи и активно да ги поддржува младите на нивниот академски и професионал пат.








Како си поминавме на 7-от Стартап Викенд Скопје?

Во периодот од 19ти до 21ви октомври се одржа 7-то издание на Стартап Викенд во просториите на CEED HUB, каде над 50 млади и креативни луѓе земаа учество и работеа на развивање на идеите во реален бизнис. Настанот имаше за цел да ги инспирира младите да го направат првиот чекор кон остварување на своите идеи и нивно претворање во реален бизнис.

На годинешниот Стартап Викенд учествуваанад 50 учесницикои ги презентираа своите идеи и потоа во формирани тимови ги развиваа во текот на викендот. Нивните идеи беа поддржани од21 менторкои согласно со нивната експертиза им дадоа практични совети и насоки на тимовите за развивање на нивните идеи.

Почетокот на Стартап Викенд започна со официјално презентирање на концептот на настанот и неговата мисија и визија, претставени од интернационалниот фасилитатор Daniel Kyne. Потоа следеа 1- минутни презентации од сите учесници кои имаа идеи, а последователно следеше и гласање на презентираните идеи од страна на сите присутни. Од вкупно 15 презентирани идеи, 10 освоија доволно гласови за да продолжат да се развиваат во текот на викендот. Околу секоја идеја се формираше тим со различни вештини за да може целосно да биде развиена идејата.

Во саботата тимовите уште од рано утрото го почнаа денот работно. Пред менторските сесии веќе беа креирани прототипи од неколку тимови. Менторските сесии беа закажани на пладне и сите ментори беа поделени во менторски тимови и имаа време да поминат со 2 часа со 5 томови. Сите тимови добија практични совети како да го подобрат своето решение, некои дури остварија соработка со компаниите на менторите како први корисници на нивното решение.

Последниот ден беше финалето на Стартап Викенд и сите тимови ги подготвуваа своите 5-минутни презентации. Адреналинот растеше, паника и возбуда беше комбинацијата на емоции кои го исполнија просторот. Пред официјалното затворање на работата и отворање на финалните презентации, тимовите имаа можност да направат пробно презентирање на своите идеи пред фасилитаторот Daniel Куne, организаторот Иван Зографски  и еден од судиите Frank Milani. Тие им дадоа последни насоки на тимовите кон што треба да се фокусираат повеќе и како подобро да го претстават своето решение.
Секој тим ја презентираше својата идеја пред шест-членото жири составено од Глигор Дачевски, Ивана Станкович, Димитар Ковачевски, Ѓорги Кушевски, Frank Milani и Signe Viimsalu. Откако сите тимови презентираа, краток говор одржа Frank Milani, кој укажа на мотивацијата и целата позитивна енергија која циркулираше за време на викендот и придонесе секој тим да идентификува можност и да претстави решение за истата можност.

Судиите според дефинираните критериуми ги избраа победниците на овој Стартап Викенд:

  • Tретото место го освои тимот “Challenger” и нивната платформа за социјално претприемништво која има за цел да ја поттикне општествената и социјалната одговорност кај индивидуалците и компаниите.
  • Второто место го освои тимот “Akva Gradina” и нивното широко достапно решение за одгледување на органски растенија.
  • Првото место го освои тимот “Anita.Ai” и нивното решение за поедноставување на концептот на вештачка интелигенција.
  • Почесна награда освои тимот “Вело Регистар”, чија идеја е да се создаде платформа каде што секој сопственик на велосипед може да го регистрира истиот и да го лоцира полесно доколку е украден или пак да го продаде. Тие веќе добија поддршка од најголемата вело-иницијатива На Точак.

Стартап Викенд Скопје 2018 беше организиран од тимот на Солвео и нивната цел беше да се создаде можност за амбициозните и креативни луѓе да дојдат и да ги споделат своите идеи и да го направат првиот чекор кон нивното остварување. Потребно е да се даде вистинска шанса за креирање на нови решенија кои ќе го унапредат нашето општество.

Овогодинешниот Стартап Викенд Скопје немаше да биде толку успешен без нашите спонзори: CEED HUB, Solveo, Sparkasse Bank, Code Academy, Best Way Investment, Backyard, La delicious, Пивара Скопје, LADNA, Swiss Contact, UNDP, Brainster, Фонд за иновации и технолошки развој, Swiss Agency for Development and Cooperation SDC, Семос Едукација, МК Host, Boulevard Bar&Kitchen, Markt, Nescafe, Kaнтина, Виталиа, Twins Sandwiches, благодарение на нашите спонзори настанот беше беспрекорно покриен од сите аспекти.

Со овој Стартап Викенд уште еднаш се покажа дека младите кај нас не само што можат, туку и умеат да направат нешто кое ќе придонесе за позитивен ефект во целото општество.








6 причини зошто да дојдеш и да ја претставиш твојата идеја на Startup Weekend Skopje

Секој викенд е иста приказна, со истите луѓе, на истите места. Сакаш да искусиш нешто поинакво, да направиш нешто продуктиво, нешто што има потенцијал да ти го промени животот засекогаш. Startup Weeknd Skopje ти нуди можност за забавни и динамични 54 часа, во кои ќе научиш многу, ќе направиш многу и ќе се запознаеш со многу нови луѓе. Прочитај ги останатите причини зошто учеството на овој настан е најпаметното нешто што можеш да го направиш за време на викендот 19-21 октомври, и откако ќе се убедиш, пријави се на на овој ЛИНК.

  1. Оствари го сонот на секоја добра идеја!
    Најверојатно имаш барем една генијална идеја во твојот ум. Најверојатно, се сметаш себе за амбициозна личност и барем еднаш во денот се прашуваш како би бил твoјот живот доколку таа идеја се реализира. Сигурно твојата идеја е вредна и заслужува да се разработи но самата помисла да почнеш да ја разработуваш сам е доволно застрашувачка.
    Колку и да звучи неверојатно, Startup Weekend овозможува безбедно место за споделување на идеите, нивна разработка и можност за реализација и сето тоа за само 54 часа. Твојата идеја може да биде подобрена и за нејзиното развивање секогаш ќе добиеш помош и од други ентузијасти, како и експерти од различни полиња кои ќе ти бидат достапни за време на настанот.
  1. Да се почне или не, прашањето е сега!
    Најтешкото е секогаш да се почне и да се проба. Зошто? Затоа што стравот од неуспех, кој е многу веројатен при првиот обид, е премногу голем. Во животот, соочувањето со пречки и проблеми е неизбежно. Но не треба да дозволиш тоа да те спречи да се обидеш. И навистина, нема подобра можност да започнеш да работиш на твојата идеја на Startup Weekend. Покрај идеалните услови за разработка на идејата, поддршка од искусни професионалци и многу продуктивна атмосфера, дури и твојот прв обид да биде неуспешен, најважно е тоа дека си пробал/a. Но да не заборавиме, тие 54 часа навистина можат да го променат твојот живот – твојата идеја може да биде победничка и да продолжиш со реализација на истата.
  1. Колку е голема твојата мрежа?
    Во бизнис светот, контактите навистина се најпотребни. А воопшто не е лесно да се дојде во контакт со индивидуи кои веќе изградиле нешто и би можеле да бидат многу корисен советник, партнер, па дури и потенцијален инвеститор. На Startup Weekend, овие навидум недостапни луѓе стануваат достапни и тие ќе бидат таму со цел да ти помогнат. Но твојата мрежа нема да биде надоградена само со “недостапните”. Многу е возможно некој од учесниците што за време на настанот ќе седи на истата маса со тебе да стане “недостапен” во иднина. Искористи ја оваа можност да ја прошириш твојата мрежа, никогаш не знаеш чија помош ќе ти биде потребна, поскоро или подоцна.
  1. Фидбек како никогаш до сега!
    Еден од најважните аспекти на настанот кој цело време го споменуваме се експертите кои ќе бидат дел од него и нивните совети, искуства и професионални мислења кои ќе им бидат достапни на сите тимови. Ова е навистина шанса која не треба да се пропушти, затоа што самата поддршка, критика или совет од овие индивидуи е бесценета. А ти ќе ги имаш сите на располагање за време на настанот. Листата на ментори кои ќе присуствуваат на настанот можеш да ја разгледаш на www.sw.мк
  1. Од колаборација до корпорација!
    Во самото срце на секој успешен бизнис стои група на луѓе кои ги здружиле своите идеи, искуства, знаења и контакти со цел да создадат нешто поголемо од нив. Клучниот збор во таа реченица е “група”. Мислата дека не треба да бараме помош или дека можеме се да направиме сами е една од најголемите пречки кај повеќето претприемачи. Но не можеме да ги обвиниме, затоа што повеќето од нив не познаваат доволно други луѓе кои би можеле да бидат нивни партнери. Startup Weekend е местото каде што сите присутни го споделуваат претприемачкиот дух и сакаат да ги употребат своите доблести за да реализираат нешто поголемо од нив. Дојди и креирај врски кои ќе траат долги години, ќе ти помогнат да ги реализираш своите соништа и да најдеш поддршка и ентузијазам во други индивидуи кои најверојатно не би ги ни запознал на друг начин.
  1. Учењето не се случува само во училиште
    Веруваме дека веќе имаш почуствувано како е да учиш од искуство. За време на Стартап Викенд ќе научиш многу работи за различни теми и за различни начини. Ќе научиш како фукционираат стартапите, ќе научиш за новите иновации и трендови во светот, но ќе научиш и повеќе за луѓето во светот на иновацијата. Ќе учиш од секоја интеракција и секој момент. Замисли си дека си сунѓер и дојди на Startup Weekеnd за да впиеш што е можно повеќе од сето знаење што ќе го исполни просторот.

Сигурни сме дека оваа листа на причини зошто да учествуваш на Startup Weekend Skopje те разубеди дека е најдоброто нешто што можеш да го правиш за време на викендот 19-21 октомври. Доколку не го направи тоа веќе, обезбеди си карта тука, и се гледаме во Ceed Hub.